Без разлика колку таа задача некој ја сфаќа нездраво сериозно (не треба), а некој со доза резерва и како детска игра (како што треба), рангирањето македонски албуми од една календарска година е чист математички проблем - ретко кога се издаваат барем десет албуми во период од 12 месеци, за да се направи пристојна листа. Дури и да се десет, малку е глупаво да правиш редослед на најдобрите 10 од 10. Најфино е да има барем 20, за да избереш Топ-10. И годинава сме соочени со иста мака и од таа причина, направив листа со пет најдобри албуми. Тоа што во 2010 може да се смета за позитива е фактот дека петте изданија што следуваат, навистина се врвни во жанровите во кои групите се изразуваат. Сите прикажуваат зрелост што не беше до толку присутна на претходниците, а и сите звучат, за наши екстремно скромни финансиско-студиски услови, доволно добро за да не го уништат најзначајниот елемент - песните. А со 50-ината поместени на овие пет диска бендовите можат искрено да се гордеат и кога ќе ги свират во живо, да очекуваат реакции на какви што претходно не биле навикнати.

5. Чалгија саунд систем - Чалгија саунд систем [Profundus]

Оцена: 80/100

Којзнае од која причина, веројатно само така се вклопиле коцките, но чалгијата во земјава изминативе години доживеа невидена експанзија. И за разлика од повеќето случаи кога нешто се шири на музички план во Македонија, поголемото присуство на чалгијата донесе и групи што веродостојно ја интерпретираат. Од сите, "Чалгија саунд систем" е можеби најпрецизниот, кога е во прашање држењето до темелите на овој симпатичен звучен израз. Нивниот деби-албум, именуван според бендот, е пример за тоа како, без фанфари и помпезност, се реоткрива "етножанр" и се носи во 21-иот век.
Инструменталната постава е крајно профи, но неприкосновена ѕвезда на албумот е пејачката, Добрила Грашеска. Таа беспрекорно ги совладува сите трикови на чалгиската форма и си ги присвојува, ги витка за да одговараат на нејзината и онака одлична боја на глас и вокална техника. Чалгиската веродостојност, која е најсилна страна на дискот, може да се гледа и како фалинка. Сите композиции на цедето се традиционали, бендот ревносно ги изведува, но авторскиот талент на членовите е срамежливо скриен. Судејќи по албумов, "Чалгија саунд систем" плус оригинални песни, звучи како комбинација што треба нетрпеливо да се исчекува.

4. Bernays Propaganda - My Personal Holiday [Moonlee]

Оцена: 81/100

Со над 200 свирки, неколку турнеи низ Европа, ЕП и два студиски албума, лесно е да се заборави дека Bernays Propaganda постои нешто повеќе од две години. Нема ниту зрно сомнеж дека оваа скопска четворка покажа како бендовите мора (не како треба) да работат ако сакаат да бидат слушнати. Рокенролот и сите негови помали и поголеми подстилови можеби се симбол за забава и за зезање, но тој има и страна што сите ја забораваат - вистинските рокери се кршат од работа, проби, од свирки. Баш затоа, BP и на My Personal Holiday, албум со не толку изразен квалитет како дебито, Happiness Machines, звучат стегнато, импресивно, профи.
Не во продукциска смисла, тука можат многу да се подобрат, веројатно ако имаат поголем буџет. Скопскиот квартет одушевува со занатскиот и аскетски начин на сфаќање на поимот "пишување песни". За нив грувот и денс-ритамот и натаму се крал и кралица, а гитарскиот минимализам - Бог. Нема ништо религиозно во песните или во стилот на Bernays Propaganda, но со посветеност типична само за религиозните фанатици, тие работат и само работат. Баш затоа, и покрај чувството дека е обмислуван повеќе одошто треба, My Personal Holiday, е добар албум.

3. Fighting Windmills - Најсмешниот виц на светот [PMG]

Оцена: 85/100

Зрелоста е веројатно единствената цврста врска меѓу петте албуми на оваа листа. Во тој поглед, од бендовите наведени тука, Fighting Windmills на вториот студиски албум прави убедливо најголем исчекор. Уште на првото цеде, "Аграрни реформи и варијации на тема", објавено во 2008 година, групата покажа смелост нетипична за младата возраст на членовите. Проблемот со деби-материјалот, како што често бива кај експерименталните состави, е што беше само храбар, без многу желба за дисциплина и концентрација.
На "Најсмешниот виц на светот" петорката прави успешно полукружно свртување. Во една песна на албумот можете да чуете сè од поп и ска, преку панк и пост-рок до стоунер и метал. Фокусираноста сега направила спојот да биде незабележлив, а фузијата пријатна за уши. Fighting Windmills и на првото цеде беа слушливи, но не и изделкани како сега. Ако во MTV денес работат луѓе со барем мала храброст и ако членовите на скопскиот квинтет немаат проблем со тоа, дел од песните на ова цеде комотно можат да се вртат на нивната фреквенција. Нормално, за музика како оваа не е репер дали те има на телевизија, туку дали те бива. Fighting Windmills, без дилема, ги бива.

2. Zoran Madzirov - Roots On A Roof (Balkano Nuevo) [SJF]

Оцена: 87/100

Виртуозноста на Зоран Маџиров никој не може да ја спори. Во ред, може, но тој или таа што ќе се з'гнат да го дискредитираат талентот и вештината потребни за вадење ноти (да, мелодија, не само звуци), од шишиња, треба доброволно да се пријави во психијатриска клиника. Спорна, релативно кажано, во творештвото на Маџиров отсекогаш била потребата за преголемо докажување на вирутозноста, што на дел - не на сите - од неговите изданија, ги потиснува самите песни. Roots On A Roof (Balkano Nuevo), пак, успева на двете полиња - ем покажува колкав виртуоз е Маџиров на својот "шишефон", ама и колкав виртуоз е за пишување песни.
Неговиот "нов балканизам" си подигрува со македонската звучна традиција, ја изместува, ги поматува малку основите, но и покрај тоа, најмалиот содржател на нумерите е овдешен. Секако, нема тука никаков етноцентризам. Маџиров знае оти ниту еден простор или земја не успеале да заробат каква било музика, па така и тој - си креира сопствен звук. При создавањето нешто сосема специфично, познатиот инструменталист не заборавил да биде што е можно поразбирлив за сите - без разлика на специфичниот вкус. А тоа, всушност, е најголемиот успех на овој албум.

1. Верка - Моторни песни [Верка]

Оцена: 89/100

На почетокот на милениумот "Верка" за кусо време силно се наметна на домашната алтернативна сцена со ритмички интензивниот метал збогатен со традиционални македонски инструменти и тактови. Издадоа албум и ги снема. Тие откриваат дека никогаш не престанале да свират, најмногу за себе, надевајќи се дека ќе добијат и понуди за концерти. Жива среќа што надежта ја замениле со земање на нештата во свои раце, инаку којзнае дали вториот албум на групата, "Моторни песни", ќе си го најдеше патот до слушателите.
Паузата од околу осум години како да немала влијание врз материјалот, односно како поради неа "Верка" да се претворила во уште посконцентриран ѕвер, што знае да пишува уште подобри песни. Гневот е тука, но и умното негово аранжирање во четириминутни набиени изблици на гнев или во 10-минутни дисторзирани епски композиции со колосална енергија. Ова не е безгрешен албум, не се ни членовите на бендот, кои, патем, си го признаваат тоа, но нема промашување во еден поглед - интензитетот. А кога на тоа ќе се додаде и интелигентноста со која се спакувани "моторните песни", јасно е зошто овој албум е најдобриот во 2010 во Македонија.

Топ 5 МК албуми во 2010