Shock Troopers - Глуво доба [Diehard, 2019]
![Shock Troopers - Глуво доба [Diehard, 2019]](/content/images/size/w1200/2025/04/gluvo_doba.jpg)

Чувството на отуѓеност лесно се развива во денешнава ера на споделување преувеличени достигнувања. Иронично, оваа изолираност во утробата на луѓето се појавува во време на масовна комуникациска поврзаност како никогаш претходно во историјата. Сѐ и секој е достапен со еден клик, но се чини дека сите газат по тенка линија на потенцијално вечна оддалеченост. Користејќи социјални мрежи, инаку создадени за да бидат „друштвени“, како џиновски мегафон, мнозинството катадневно споделува лични остварувања. Тоа го прават страстно и арогантно гласно, па она што навидум е наменето да ја зближи заедницата, се демаскира како натпревар меѓу самобендисани инивидуалци. Не е никаков шок што ова е одбивно за одредено малцинство, но ваковото опкружување веќе е новата нормала. Баш таа нападна секојдневност, кај многумина што во неа не се пронаоѓаат, буди контраефект на исклученост.
Оваа е само една од долгата низа состојби што Shock Troopers живописно ги илустрира на „Глуво доба“. Вториот албум на скопско-кочанскиот бенд не е самосожалувачка исповед изнедрена од неприпаѓањето, туку енергично, приземно и бучно искажување на ставовите и чувствата што делумно се резултат и на одвоеноста од околината. Конфронтацијата со овие и со другите интерни и екстерни демони е потврдена во првата секунда, со моќниот трескот на ритам-секцијата, а е подвлечена и со стиховите на вокалистот кој со сиот капацитет на грлото нагласува дека не е скроен по „нивни терк и не е таков ков“. Не се открива кои се тие што ги наметнуваат очекувањата, но ако крепоста е лом, а наравот токсичен, Македонија, како и било која друга запустена вукојебина, лесно се пронаоѓа во приказната. Риф-билдапот на траката е груверски бавен и феноменален, по што галопот во панкерски манир е перфектна подлога на текстот.
Дуализмот на развлечено-разбеснето е отсликан во слаџ-интрото и грајндерската стрелба што наизменично ја движат „На две страни распнат“. Вообичаената поделба на добро-зло, омраза-љубов, светлина-мрак секако може да се пронајде во строфите, а сепак, во нив ја лоцирам битката што секој ја води за да остане свој во свет нагласено поделен на црно и бело. Тоа двојство продолжува на „Соништа / Сеништа“, која стартува како најрокерскиот сегмент на изданието, а еволуира во спидфест на којшто изворедно легнуваат зборовите откорнати од нашата реалност - „опседнат со соништа опкружен со сеништа“. Ди-битот ја вози „Пепел“ пред гитарска лид-мелодија да ја прекрши, да ја фрли во амбис од ехо и од атмосфера, па да ја тресне со десеттонски токмак. Со него е закован и заклучокот - „сѐ тече, не се менува ништо“. Звукот, длабок како пештера и ритамот, растечен како катран, ја отвораат „Прогон“, која потоа забрзува и се враќа на зачетното темпо.
Нејзиниот излез е реплика од „Републиката во пламен“: „Нам никогаш не ни недостига разум, нам ни недостига лудост. Оставете ме сам со својата лудост. Збогум!“. Филмот е патриотски, но ставена во контекст на песната, Ристо Шишков како да зборува за сѐ што се случува денес, кога и да си само пристоен кон комшиите, е прилично лудо. „Мугри“ има извонредно морничав слаџ-хорор вовед и епилог, на средината преминува во панк-спринт, а во стиховите за „магла густа“ и „воздух тежок што горчи во уста“ неминовно го пронаоѓам Скопје. Славната референца од „Пред дождот“, неколку реченици и 60 секунди мелење во „Раздор“ се доволни за да се илустрира братоубиственоста приустна на овие простори, по што „Машинерија на ноќта“ со топот со средна брзина превзема контрола како илјадници војнички чизми што маршираат при окупација. Нормално, најдолгото парче на плочата менува неколку форми, а за кратко дури и евоцира „етно“ ритам, што се појавува неочекувано, но се вклопува беспрекорно.
Кинематографијата пак се појавува на „Трули во сржта“, овој пат преку класикот Papillon во којшто Стив Меквин е обвинет за најголемото криминално дело што човек може да го изврши - живот потрошен за џабе. Освен со динамичниот краст-бит, на ова се надоврзува и констатацијата за „празни глави што се дават во страв“, кои се дел од „колoна што оди до бескрај“. За тоа што има потреба да го каже и за искреноста со која што го пренесува, групата знае дека точно избраниот миг за одјава е секогаш поимпресивен од бесконечно испраќање. Длабокиот бас од преден план дава интро на последната, насловна, песна, по што прераснува во блек-метал вител, па со успорени, гигантски, чекори си заминува низ пламените порти газејќи решително кон црното сонце.
Со оваа, десетта трака, петорката пулсирачки го затвора материјалот кој иако трае одвај 28 минути, не остава впечаток на недореченост. Целината е динамична, нема еднолиниска траекторија, често менува стилови, темпо и атмосфера, и откако ќе каже што сака, бендот веднаш преминува на следното. Сето ова го прави свирачки вешто, авторски интелигентно и потковано, како и со бескомпромисна сила при споделувањето на сурово реалното доживување на светот. Глувото доба полека и сигурно ја обзема секоја пора од нашите животи, а Shock Troopers со албумов покажува дека знае да ги слушне, разбере и пренесе криковите заборавени под замолчената, прекрасно исфилтрирана, површина.
Артист: Shock Troopers
Албум: Глуво доба [стрим]
Датум на објава: 2 март 2019
Продуцент: Ненад Трифуновски
Етикета: Diehard
Листа на песни:
- Ничиј терк - 2:56
- На две страни распнат - 2:30
- Соништа / Сеништа - 2:14
- Пепел - 3:37
- Прогон - 2:38
- Мугри - 2:51
- Раздор - 0:58
- Машинерија на ноќта - 4:46
- Трули во сржта - 2:09
- Глуво доба - 3:45