Propagandhi - Victory Lap [Epitaph, 2017]
![Propagandhi - Victory Lap [Epitaph, 2017]](/content/images/size/w1200/2025/04/victory_lap.jpg)

Следејќи што се постира на социјални мрежи, дури и само еден ден, лесно е да се заклучи дека човештвото виси на работ. Под него не е пропаста, туку револуција на чистата мисла што ќе воведе ера на вечен позитивизам. Битките за општествена, економска, политичка, еколошка, културна и секаква друга форма на правда (академско признание за Цеца?) се размножуваат како агресивен вирус на тајмлајнот. Спасот, за борците, како и за тие што во прво лице минуваат низ голгота, чиниш ќе дојде со следниот клик. Иронијата, пак, со сиот глас вреви дека стварноста не само што останува иста, туку и решително уназадува. Оваа контрадикторност, помеѓу тоа што луѓето го лаат и она што го практикуваат, не е новина. Разликата е што сега постои глобална табла за огласување храбри тврдења, но во исто време, во реалноста може да штиклираме кои од нив се издржани, а кои шупливи.
Ако ги ставиме во ексел, колоната со овие непоткрепените комплетно ќе ја засени таа со одважните лични изјави за придонес кон подобро колективно утре. Објаснувањето зошто тоа и фактички не доаѓа било разглобувано, a ќе се анализира и во иднина. Вистината е веројатно само една: луѓето се себични и затоа се неспособни да покренат и да остварат суштинска промена. И кај себе, и околу себе. Џабе се сите тие постови кога со нив не се градат видливи, долготрајни, мостови. Цинизмот опстојува баш на овие темели. Не треба да биде никаков шок што ваквиот поглед на свет се шири како заразна болест со речиси исто темпо како што на дневно ниво се котат воините за праведност. Кога ваков став ќе изградат индивидуи што и онака не покажувале интерес за светот наоколу, нема трошка четиво за прегледување. Ако, пак, циници станат личности што цел живот практично ја спроведуваат теоријата што ја проповедаат, материјалот бара детално препрочитување.
Со Propagandhi, додуша, буричкањето низ звуци и зборови отсекогаш било возбудлив предизвик, но на последните две изданија овој процес има поинаква емотивна обвивка. На потегот од Today's Empires, Tomorrow's Ashes (2001) до Supporting Caste (2009) сарказмот, најчесто насочен кон околината, беше најистакната карактеристика. Цинизмот, во многу случаи адресиран кон самите себеси, бендот почна да го ползува на Failed States (2012), а тој практично доминира со прекланскиот Victory Lap. Тоа што четворката сега јасно и гласно споделува неверување во евентуален исчекор на човечката цивилизација не е драматичен момент. Нивниот премин од нескротливи буцкала на општествениот и персонален статус кво во родители кои се помириле со постојаната дееволуција на хомо сапиенсот е мигот што буди копкање. Како што овие 12 песни се одмотуваат, така се разоткрива примирјето кое групата го има потпишано со својата помлада, бодликава, верзија.
Ова, секако, не значи дека квартетот од Винипег се претворил во пензионерски софт-рок колектив што свири само на годишнини од матура. Во најголем дел, овие 36 минути се дрзок, гневен, катарзичен хардкор треш-панк што маршира, гризе и треска од земја како да е напишан и снимен од дваесет, а не од 40 и кусур годишници. Рифот што воведува во насловната трака е мини ремек-дело кој во секунда ги забрзува сите моторички функции. Така загреани и залетани, Крис Хана ги грабнува умествените, раскажувајќи за пламени јазици кои ја проголтале татковината на храбрите. Немајќи избор, граѓаните почнале да бегаат, но на границата ги пречекал високиот ѕид што не можеле да го искачат, за што вокалистот потсетува дека можат да ја повикаат Ејн Ренд да им подаде невидлива рака. Ќе се испостави дека од тоа и нема потреба. На светот ќе му дојде крајот, жителите ќе бидат згмечени, а тоа ќе биде заслужен епилог на нашето кловновско, идиотско, општество.
Хана потоа подзастанува, со питом глас бара дозвола да направи постхумна критика, го парафразира и во исто време, го исмејува препотентниот тон во колумната на Кристофер Хиченс од 1992 година. Со неа тој, помалку или повеќе, очекува покорените (племињата од Северна Америка) да се благодарни на колонизаторите (европјаните) и да се радуваат на денот кога Колумбо стапнал на брегот од другата страна на Атлантикот. Поткрепа на ова е инструментална егзибиција што варира од смирено пешачење преку растрчување со средно темпо до агресивен, доминаторски, спринт. Виетнамскиот будистички свештеник Куанг Док, кој во 1963 година во знак на протест се самозапалил е инспирација во Cop Just Out of Frame, но не за тоа што Крис би направил, туку за тоа што е сигурен оти нема да го превземе. Во денешниот свет, тоа би било практично сѐ што би го одвело во затвор, а тој си признава дека би се залажувал ако тврди оти такво нешто ќе изведе. Квартетот тука има стуштен звук, со гитарски лидови соодветно потресни за неверојатниот историски потег.
Тод Ковалски го превзема микрофонот на When All Your Fears Collide и веднаш внесува за нему својствена тежина и мрак. Тонски, тоа значи забавено темпо и развлечени рифови, а текстуално, инспириран од смртта на својот татко, тој во оваа трака анализира како светот влијаел врз неговата состојба, односно го убедувал дека ќе стане волк, но направил да се чувствува како одвнатре зарѓува. Со сличен аудиомикс басистот води и на Nigredo, но овој пат фокусот е алкохолизмот на родителот и како тој најпрво е избор, а потоа зависност од која што давеникот нема спас. Дисонантните сегменти и прекршена структура на овие две парчиња извонредно ја разигруваат динамиката на колекцијата. Помеѓу нив, Letters To A Young Anus е хедбенгинг фестивал на спид со којшто составот им се обраќа на помладите клинци да внимаваат со какви будалаштини се фалат на интернет затоа што постојано сме следени и тоа во иднина може да се искористи. Нејзин контраст е Lower Order (A Good Laugh), која што, потпирајќи се на нискиот дел од тонската скала, го заокружува умното беседење за ловџиството и особено, за масовните кланици.
Сериозноста не трае предолго, веќе на Failed Imagineer групата иронизира дека следува рокенрол-забавата, а песната е токму тоа - рокачина за воените ветерани кои што имаат само грижа на совест, но не и потреба за бунт. Расчуканиот пулс продолжува и на Call Before You Dig, каде што прилично комично гледаме дека и екстремно самобендисаниот човечки род не е ништо повеќе од идна распадната лепешка што случајно ќе биде откриена од тие што од нас ќе ја наследат планетата. Извонредно е забавно како „мачо-агресијата“ на In Flagrante Delicto контрира на нејзината содржина, која што од мачо-ликовите кои се фатени на дело како изневеруваат, прави импресионистички сито и решето. Феминизмот, односно неправедниот третман на жените на панк-сцената е во центарот на Tartuffle иако, како и секогаш, Канаѓаните не се површни, туку нагласено слоевити во „анализата“.
По ова, за крај е оставена Adventures in Zoochosis. Таа звучи и се чита како шпица со која бендот се одјавува пополека, за да можат тие самите, но и слушателите, да ја премотаат целата претходна драма, акција и комедија (значи трилер?). Чувството на финалност е и помалку морничаво подвлечено од гласови на деца како си играат на кои се надоврзува Трамп со неговото grab ‘em by the pussy кочоперење. Додека четворката во построкерски манир билда постапокалиптична атмосфера, конечноста надоаѓа и преку индивидуалната генијалност на Хана, којшто, нагласено лично, раскажува приказна за Зоо-градината во која главна атракција не се животните, туку сите ние, луѓето. Ова е позната паралела, но фронтменот ја надградува со пресудната разлика - навикнат е на кафезот, дури во него му е и удобно. Обраќајќи им се на сопствените деца, тој им вели дека кога ќе дојде чуварот за да почне и нив да ги скротува, тие треба да ја спраштат и да не се вртат наназад. Пејачот на Propagandhi е убеден оти, за разлика од него, срцата на неговите клинци се чисти. Во себе, од сѐ искажано на Victory Lap, се забележува дека е разочаран, но тие што сега ги одгледува му влеваат надеж. Нивниот круг, можеби, ќе биде победнички.
Артист: Propagandhi
Албум: Victory Lap [стрим]
Датум на објава: 19 септември 2017
Продуцент: Џон Пол Питерс
Етикета: Epitaph
Листа на песни:
- Victory Lap - 2:57
- Comply/Resist - 3:23
- Cop Just Out of Frame - 2:46
- When All Your Fears Collide - 3:18
- Letters To A Young Anus - 2:20
- Lower Order (A Good Laugh) - 3:06
- Failed Imagineer - 2:11
- Call Before You Dig - 2:22
- Nigredo - 4:13
- In Flagrante Delicto - 2:36
- Tartuffle - 2:36
- Adventures in Zoochosis - 4:41