Gargoyles - Gargoyles [Deny, 2016]
![Gargoyles - Gargoyles [Deny, 2016]](/content/images/size/w1200/2025/04/gargoyles_st-1-1.jpg)
Светот на Gargoyles е фантазија. Ќе си речеш, тоа значи раскажување за нежни самовили и еднорози што елегантно галопираат на бескрајни пејсажи. Не е така. Скопскиот бенд знае како се создава епска атмосфера, но за нив таа мора да биде и грозна. Катакомби, рептили, негативци, господари на војната, крвнички машини, остри секири за битка, пркосништво и апсурдно силни зеновори се темите кои триото ги обработува. Тоа го прави сурово, без да има милост, однесувајќи се како било која вонземска раса што вистински би налетала на Земјата, а не само теоретски, во СФ-видеоигра. Нивниот звук гарантира напнато слушачко искуство, ама и тоа што го пишуваат е предизвик за читање и за дешифрирање. Вокалните крици, острите гитари и натежнатиот бас се монолитно споени и обезбедуваат поткрепа на сета немилосрдност прикажана во стиховите. Составот не е решен само да го отсвири тоа што го наумил, туку и да поттикне и хорор-визуелизации кај секој слушател.
Уште на самиот почеток, нема бегање од слики што прогонуваат и измачуваат. Армада од вонземјани ровари на небото, сите сме проколнати затоа што водиме живот од лаги. Тие се тука за да се хранат од нашиот страв. Името на песната, Xenovore, како и зборовите кои што Gargoyles ги употребува во останатите седум траки, отвораат интересена можност за толкување. На групата, од една страна, може да е ѝ се толку одмилени опстојувањето во Македонија и во Скопје или општо, човечката раса, поради што чувствувале силен нагон за ваква безмилосна вивисекција. Буричкајќи по тунелите на интернетот, за да откријам што значи „зеновор“, стигнав до книгата Alien Wars, што до најмал детаљ ги поставува случувањата во видеоиграта Star Hero. Тоа, од друга страна, ме инспирира да помислам оти дебито на тројката е концептуално издание изродено од часови и денови минати во зачадено ар-пи-џи патешествие. И да не е така, забавно е што паметот натаму ми отиде.
Музиката, бездруго, е таа што буди нелагодност, чепка во длабочините и мотивира да се биде љубопитен при слушањето на Gargoyles. Бендот, основан во 2013 година, за себе вели оти свири мешавина од слаџ и „блекерски“ треш-метал. Не може да се тврди дека измислуваат. Во нивните бавни, развлечени и на моменти забрзани, сегменти, јасно се забележуваат имиња како Melvins, Eyehategod и Crowbar. Кај скопското трио се слуша и луизијанската, јужњачка, верзија, а сепак, повеќе ми се блиски со рудиментарноста и со абразивноста на групата предводена од Баз Озборн. Во однос на блек-треш миксот, тука Celtic Frost се присутни од постарата школа, а со новата ги поврзувам со Nekromantheon и со Deströyer 666. Најмал заеднички содржател на сите овие, без никаков шок, им е Black Sabbath, со тоа што нивното присуство на овие 37 минути не е толку изразено, односно е само дел од елементите на мачнина надвиснати над севкупниот амбиент.
Во средината на колекцијата е сместен нејзиниот центар на гравитација. На Blood Machine и на Lord of War понагласено се користат и панк-референци, но вклучувањето мелодија во рефренот на едната, и во воведната строфа на другата, прави песните да се наметнат како потенцијални лајв-фаворити. Поштена рокачина е и Hail Defiant само со далеку понечесни намери, рифот како викиншка секира е најсоодветен за Sharpening My Battle Axe, а Villains се шири како карпентерова злокобна магла која што прогонува насекаде. Мелодиски траги се расфрлани во Reptile Aeon, каде што составот черечи и топоти како диносаурус, а со тоа прави и своевидно интро за Catacombs. Со девет и пол минути, оваа e првокласна епопеја што стартува како чудовиште од мочуриштето, се прекршува со стоунерски бас-прелом и во пустинскиот дух на овој жанр херојски се ниша до финишот. Таа подлога е перфектна за извонредниот, мрачно-поетски, одјавен стих: „Бели очи гледаат, огри насекаде. Ќе висам за твоето предавство. Демони попат, тишината грми. Прстите смрзнаа, колената се слаби, паѓам наземи, смртта наближува. Само знај, кога ќе избегаш, светлото на крајот е лага“. Фантастично гротескно, како и албумот на Gargoyles.
Артист: Gargoyles
Албум: Gargoyles [стрим]
Датум на објава: 3 октомври 2016
Тон-мајстор: Ивица Јанкуловски
Етикета: Deny
Листа на песни:
- Xenovore - 4:50
- Hail Defiant - 3:00
- Sharpening My Battle Axe - 2:45
- Blood Machine - 5:17
- Lord of War - 5:21
- Villains - 2:26
- Reptile Aeon - 3:47
- Catacombs - 9:34