Cobalt - Slow Forever [Profound Lore, 2016]
![Cobalt - Slow Forever [Profound Lore, 2016]](/content/images/size/w1200/2025/04/slow_forever.jpg)
Ернест Хемингвеј во 1954 година ја доби Нобеловата награда за книжевност. Влошената здравствена состојба го спречила да дојде во Стокхолм на доделувањето и во негово име, говорот го одржал американскиот амбасадор во Шведска. Читајќи го збиениот, прецизен, текст карактеристичен за великанот, тој во еден инспиративен параграф вели: „Кога човек пишува, нештата можеби не се веднаш воочливи. Во овој поглед, тој понекогаш има среќа. Најпосле, тие, сепак, сосема се разјаснуваат и како резултат на овие работи, но и поради степенот на алхемија што го поседува, тој или ќе истрае, или ќе биде заборавен“. Извадок од ова обраќање продира низ Iconoclast, една од трите куси инструменталки што махерски ја поместуваат динамиката на Slow Forever, најактуелниот студиски албум на Cobalt. Иако со него е поврзана уште од почетокот во 2002, разумно е да се претпостави зошто баш овој јавен „настап“ на писателскиот џин е сместен на четвртото издание на групата.
Едноставно, и самиот носечки столб на бендот од Колорадо, Ерик Вундер, извесно време пред да почне со работа на колекцијата, се нашол пред истата крстосница: да смогне сили и да издржи, или да го прифати поразот и да исчезне во заборавот на времето. По речиси цела деценија градење култен статус и почит, неумесна изјава на бившиот вокалист, како и неговите дијаметрално различни сфаќања од тие на главниот автор, се заканија сето ова да го избришат. Можеби не пишува книги, но 34-годишниот мултиинструменталист знае што зборува Хемингвеј и веројатно со тоа на ум, ја собрал сета алхемија што очигледно ја поседува, и ја преточил во 84-минутен музички роман на врвна креативност. Страниците на кои што е испечатен се рапави и пожолтени. Буквите со кои е раскажан се јагленосано црни и на допир оставаат масло и олово на прстите. Кориците се крути, дебели и цврсти. Содржината во нив, пак, е како водич во егзорцизам на личните демони.
Албумот не почнува злокобно, туку со интроспективен акорд потоа раширен од акустика, но и во тој релативно мирен вовед е јасно дека Hunt the Buffalo нуклеарно ќе распарчува. Чарли Фел тоа го изведува со вриштење од длабочините на цревата, додека Вундер грува и со гитарата и со двојниот бас-тапан. Безвокалната Animal Law помалку е воздишка, а многу повеќе земање воздух со сиот капацитет на белите дробови за разорното тројство што следува: Ruiner, Beast Whip и King Rust. Тука најсликовито се дообјаснува воведниот впечаток, дека Cobalt го зеле сето претходно блек-искуство и школување и го накалемиле на сѐ од хеви и треш, преку американа и кантри до телесно нишање типично за состави како Tool. Споредено со суровиот андерграунд, ова може да изгледа како поразително омекнување, ама набљудувано објективно или уште подобро, преслушано емотивно, тука нема ништо помалку од победнички спектакл.
Тоа што од овие три композиции станува непобитно е дека Вундер е рифовски Моцарт. Да, претерувам, но овие траки се симфонии од акордски целини испреплетени од леплив грув, запаметлива мелодичност и севкупна моќ што го обзема и телото и духот. И покрај сето ова, најфасцинантно е што по инструменталот Breath, материјалот не го губи чекорот, туку продолжува со буквално ист интензитет, сѐ заедно, час и 25 минути. Засебно, песните си имаат најистурен елемент - бас-хардкоризмот на Cold Breaker и на Final Will, стоунер заспаноста на Elephant Graveyard, тапан-трибализмот на насловното парче и ноиз-нападот на Siege - но сите, исто така, се обединети во решителноста да создадат чувство на бавно, ослободително, пливање во катран. Или поточно, веќе постоечкото, ама закопано и потиснато, да го разбудат. Финалниот амалгам е ѕверски, примален, желен да овозможи катарза секому што ќе ја побара.
На Slow Forever, во секој сегмент, без разлика дали е интимен збир од недисторзирани тонови или ритмичко-гитарска епопеја, Cobalt го граба и како пластелин го моделира она животинското - исконското. Ова го изведува со вештина на велемајстор, извонредно стегнато и особено интелигентно, без притоа да бега или да се крие од сопствениот анимализам. Тешко дека има нешто почовечко од оваа комбинација. А на човек не верувам оти ќе му биде претерано лесно да најде музика што од оваа е потешка.

Артист: Cobalt
Албум: Slow Forever
Датум на објава: 25 март 2016
Тон-мајстор: Дејв Отеро
Етикета: Profound Lore
Листа на песни:
- Hunt the Buffalo - 8:48
- Animal Law - 2:07
- Ruiner - 6:32
- Beast Whip - 9:13
- King Rust - 11:14
- Breath - 2:25
- Cold Breaker - 6:44
- Elephant Graveyard - 7:51
- Final Will - 11:16
- Iconoclast - 2:30
- Slow Forever - 9:35
- Siege - 5:38